Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје утринава во пет часот, на почетокот на работното време, останаа во гаража. Скопјани бадијала ќе чекаат на станица, автобусот нема да дојде.
Возачите рано утринава се собраа на протест во кругот на претпријатието, но одбија да влезат во автобусите поради неисплатена плата.
Тие не прогласиле штрајк, но велат дека се гладни и не се во состојба да возат и да ја преземат одговорноста за стотина патници. Велат дека нема да возат додека не добијат плата.
Според закон, платата треба да им биде исплатена од 1 до 15 во месецот, а веќе е 20 октомври и не ја добиле септемвриската плата.
Фирмата нема пари и бара од владата и од скопските општини да им го вратат долгот за да може да исплатат плата.
Владата вели дека не им должи ништо.
Советот на Град Скопје на вонредна седница вчера одлучи да прераспредели средства од буџетот за да се обезбедат плати за вработените во ЈСП. Синдикатите стравуваат дека ќе помине уште најмалку една недела додека да ги добијат парите.
Единствена опција за јавен превоз на жителите на главниот град им се приватните автобуси.