Европскиот парламент ја додели наградата „Сахаров“ за 2022 година на „храбрите луѓе на Украина“ во нивната битка против неиспровоцираната инвазија на Русија кон крајот на февруари.
ЕП во соопштението на 19 октомври наведе дека наградата им припадна на „храбрите Украинци, претставени од нивниот претседател Володимир Зеленски, избраните лидери и граѓанското општество“.
„Оваа награда е за оние Украинци кои се борат на теренот. За оние кои биле принудени да избегаат. За оние кои изгубиле роднини и пријатели. За сите оние кои застануваат и се борат за она во што веруваат. Знам дека храбрите луѓе Украина нема да се откаже, ниту ние“, вели претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
Годишната награда го носи името на советскиот физичар и дисидент Андреј Сахаров и е основана во 1988 година од страна на Европскиот парламент во чест на поединци и организации кои ги бранат човековите права и основните слободи.