Синдикатите на ЈСП-Скопјани утре ќе останат без јавен превоз

Скопјани утре нема да имаат јавен превоз, затоа што репрезентативните синдикати на ЈСП едногласно одлучија да протестираат. Оваа одлука ја донесоа и соопштија за време на паузата од вонредната седница на Советот на Град Скопје каде што во тек е дискусија за финансиските проблеми на јавното претпријатие кое е под „капа“ на градот.

Синдикалните лидери пред медиумите изјавија дека до сега во целост ги исполнувале одлуките на Советот на град Скопје во услови на нерентабилност, и дека 60 проценти од нашите корисници користат бесплатен превоз, и дека ги оддржуваат возилата на противпожарна бригада и на град Скопје.

„Се договоривме денеска пред новинарите, дека утре во 04 и 30 наутро јавен превоз нема да има. Возачите се гладни“ изјави Миќо Стојановски еден од синдикалните претставници.

Тие им порачаа на советниците и на градоначалничката дека може да си тераат политика до „утре сабајле“ но кога ќе завршат со политиката утре јавен градски превоз ќе нема.

„Ама вас не ви е гајле, не користите јавен градски превоз, затоа не го решавате проблемот. Едните поднеле иницијатива, другите велат требало предлог да биде, а бе луѓе треба плата да дадете за работниците во ЈСП Скопје. Затоа решете го проблемот додека имате шанса“ им порачаа лидерот на ССМ Дарко Димовски.

Вработените во ЈСП бараат плати, раководството и Град Скопје ја обвинуваат Владата


Советничката од ВМРО - ДПМНЕ Марија Андоновска побара од Советот на Град Скопје да ја стави на гласање нивната иницијатива.

„Иницијативата што денеска ја поднесе советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е токму во оваа насока, граѓаните на Скопје да не останат без градски превоз. Но, бидејќи сега во моментот слушнавме дека тоа ќе се случи утре од 4:30 часот, ние како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сме подготвени во моментот да се откажеме од сите дискусии кои што беа предвидени сега во моментот, да дадеме пауза ако треба од неколку часа и да побараме од градоначалничката одма денеска уште веднаш да ни ја достави одлуката, ќе седиме колку што е потребно и за да ја изгласаме таа одлука уште вечерва да се префрлат средства на вработените во ЈСП и од утре автобусите да можат слободно да се движат и граѓаните на Скопје да имаат превоз,“ изјави Андоновска .

Вжештена атмосфера на вонредната седница во Град Скопје за ЈСП

Советниците на вонредната седница на Град Скопје три часа се расправаат за тоа кој е виновен за финансиската состојба во која се наоѓа јавното претпријатие.

ВМРО-ДПМНЕ за проблемите ги обвинува директорот на ЈСП, градоначалничката Данела Арсовска и Владата, додека СДСМ обвинува дека се случила катаклизма по само една година власт на Арсовска и партијата што ја поддржа.

Градоначалничката Арсовска од говорницата упати обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Мицкоски.

„Нема да ви го шетам шпицниот градоначалник, кој секој ден сече ленти за отворање на чешми. Ако сакал да биде градоначалник, што не се кандидирал? Вашиот директор (Игор) Јанушев (директор на ЈСП во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ – н. з.), еве го овде на слика, склучил штетен договор со Маратон со кој за да бидат налепени автобусите со реклами ЈСП добива 7.000 денари, а фирмата 2.000 евра. Е такви штетни договори вашите луѓе склучувале и директно сте одговорни за загубите на ЈСП“ изјави Арсовска.

Со неколку автобуси раководството на ЈСП и Град Скопје во знак на протест денеска ја блокираше улицата пред Владата. Иако тие се надлежни за исплата на платите, за ситуацијата ги обвинуваат долговите кои ги има Министерството за образование и неколку општини спрема Град Скопје за услугите на ЈСП.