ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за интерпелација на претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска поради процедурата за избор на уставни судии. Барањето, како што посочија од партијата, се поднесува затоа што Георгиевска неделовнички и неуставно на сè уште незавршена точка на дневен ред и незавршена комисија поднела парцијален извештај до претседателот на Собранието, Талат Џафери за избор на уставните судии.
„Ние видовме вчера дека претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска немаше дури ни храброст да се јави пред Собранието, пред пратениците да објасни зошто поднела парцијален извештај, зошто ја прекинува Комисијата и пишува извештај без да биде истата завршена и барем да беше присутна и да земе збор и да каже зошто смета дека овие селективно одбрани кандидати за уставни судии заслужуваат да бидат членови на Уставниот суд“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошовски.
Очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Милошоски, се интерпелацијата во најкус можен рок да се стави на пленарна седница, како и дека истата ќе биде поддржана од оние пратеници што веруваат во политиката како професија и во Деловникот за работа како демократска процедура.
Пратеничката од редовите на СДСМ и претседателка на собраниската Комисија Георгиевска изјави дека таа инцијатива има за цел предизвикување уставна криза.
„Во Комисијата за изборите и именувањата се води дискусија, односно расправа за секого поединечно и исто така и за секој предлог посебно се гласа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци намерно го одолговлекуваат изборот на кандидатите, односно изборот на уставните судии, со што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во ова Собрание го докажуваат тоа што го прават постојано – кочење, блокирање и поттикнување на каква било криза“, изјави таа.
Изборот на уставните судии и предлогот на пленарна седница да се изберат двајца од предложните тројца уставни судии трет ден е тема за политички препукувања меѓу власта и опозицијата.
До интерпелацијата дојде откако дебатата за избор на тројца уставни судии во Комисијата за прашања на изборите и именувањата „заглави“ кога на ред дојде предлогот републичкиот обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија. Јовески е последен од вкупно деветте предложени кандидати од кои Комисијата треба да утврди тројца што ќе треба да бидат изгласани и на пленарна седница.
Седумнаесет месеци највисокото судско тело во земјава работи со минимален број на судии, затоа што на четворица од вкупно девет им истече мандатот уште во мај минатата година.
Изборот започна уште кога недостасуваа тројца, и додека да стартува комисијата со работа му истече мандатот на уште еден судија. Додека да заврши изборот на првите тројца постои опасност судот да остане без уште еден, па вкупно ќе недостасуваат пет судии.