Рускиот претседател Владимир Путин воведе воена состојба во четири региони на Украина, чии делови се под контрола на руските војници, додека украинските сили продолжуваат со ослободувањето на окупираните територии на истокот на земјата.
Путин на денешната онлајн седница на Советот за безбедност изјави дека веќе потпишал декрет за прогласување воена состојба во Украина во Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, области кои Русија незаконски ги анектираше минатиот месец.
Путин не ги опиша чекорите што ќе се преземат според прогласената воена состојба, но рече дека неговата наредба стапува во сила од полноќ на 20 октомври.
Потегот на Путин дојде откако лидерот на јужниот украински регион Херсон, поставен од Русија, рече дека започнала евакуацијата на десетици илјади цивили и функционери назначени од Москва наспроти напредувањето на украинската војска.
Владимир Салдо кој го назначи Русија денеска изјави дека повеќе од 5.000 луѓе веќе го напуштиле регионот во изминатите два дена.
Салдо рече дека 50-60.000 цивили ќе напуштат четири градови на западниот брег на реката Днепар во „организирано, постепено раселување“ во последните пет или шест дена. Ќе се евакуира и целата управа инсталирана од Москва во градот Херсон, рече Салдо.
Руската телевизија прикажа снимка од голем број луѓе кои чекаат во редици за чамци на брегот на реката Днепар, иако засега не е јасно колкумина заминуваат. Присилното префрлање или депортирање на цивилното население од страна на окупаторска сила од територијата под нејзина контрола се смета за воено злосторство.
Генералот Сергеј Суровикин, новиот командант на руските сили во Украина, рече дека ситуацијата во јужниот град Херсон е „тешка“ и дека жителите кои се соочуваат со украинско бомбардирање треба да бидат евакуирани.
„Руската армија пред се ќе обезбеди безбедна евакуација на населението“ во Херсон, рече Суровикин.
Но, Киев на 19 октомври ја обвини Русија за организирање пропагандно шоу во обид да ги „исплаши“ жителите на Херсон.
„Русите се обидуваат да ги исплашат жителите на Херсон со лажни пораки за гранатирањето на градот од нашата армија, а исто така организираат пропагандно шоу со евакуација“, напиша на Телеграм началникот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак.
Херсон беше првиот голем град што падна во рацете на руските сили во февруари по почетокот на неиспровоцираната инвазија на Москва, но украинските сили постојано ја враќаа блиската територија во последните неколку недели.
Во меѓувреме, нови експлозии се слушнаа во Киев на 19 октомври, бидејќи украинската војска на Телеграм објави дека противвоздушната одбрана продолжува да соборува цели над главниот град.
Руското бомбардирање, исто така, ја прекина струјата и водата во некои делови на Енерходар во регионот Запорожје на 19 октомври, изјави градоначалникот на јужниот град лоциран во близина на нуклеарната централа Запорожје, Дмитро Орлов.
Повеќе од една недела воздушни напади уништија речиси една третина од електраните во Украина и ја прекинаа електричната енергија во повеќе од 1.000 населени места.