Протест на ЈСП: Со автобусите пред Владата по пари за плата
Со неколку автобуси раководството на ЈСП и Град Скопје во знак на протест ја блокираше улицата пред Владата. Иако тие се надлежни за исплата на платите, за ситуацијата ги обвинуваат долговите кои ги има Министерството за образование и неколку општини спрема Град Скопје за услугите на ЈСП
Доколку денеска не ја добијат септемврската плата, вработените во ЈСП се заканија дека утре, 20 октомври 2022, со семејствата ќе протестираат пред седиштето на јавното претпријатие
Покрај дел од вработените, во знак на протест, пред Владата денека излезе и раководството на јавното претпријатие и на Град Скопје
Секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров рече дека вработените во ЈСП заслужуваат плати и прават напори да ја реализираат нивната обврска.
„Нашата обврска ќе биде реализирана и ги уверуваме вработените во ЈСП дека платата ќе реализираме согласно сите законски обврски“, рече Глигоров, но, согласно законот, платите вработените требаше да ги добијат до 15 месецов.
Лидерот на независниот синдикат на возачи во ЈСП, Африм Муча најави пријава за в.д директорот на јавното претпријатие Александар Стојковски за клевета и навреда. Тој додаде дека директорот му се обратил со зборовите „Африм ќе видиш ти што ќе ти се случи ова ти го направи денеска“, за што, според Муча, има и сведоци.
„Градоначалничката, односно Градот Скопје земаа плата. Они се со полни стомаци. Ние не сме. Денеска е 19 кога ќе добиеме плата. Кога ќе јадеме ние“, додаде Муча.
Утринава дополнително се создаде хаос и автобусите на ЈСП токму во најфрекфентиот период беа повлечени од сообраќај. На автобуските станици луѓето долго чекаа за да стигнат на работа или на училиште. По налог на МВР, сите возила на ЈСП беа повлечени од сообраќај поради анонимна дојава за поставена рачна бомба во едно од автобусите.
Вработените во ЈСП не добиле плата за септември и се пред штрајк. Од раководството на ЈСП и од Град Скопје кои се надлежни велат дека за тоа е виновна Владата која на претпријатието му должи речиси 2 милони евра, долг што Владата го негира. Долгови кон ЈСП имаат и други општини.
Синдикатите во ЈСП во понеделникот алармираа за доцнењето на платата. Тогаш раководството на ЈСП соопшти дека вработените во наредните денови ќе ја добијат заслужената плата и дека нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз.