Европскиот парламент побара влегување на Романија и Бугарија во Шенгенскиот простор

Знак за влез во Шенгенската област

Европскиот парламент (ЕП) денеска побара Романија и Бугарија да се придружат во Шенгенскиот простор до крајот на 2022 година, што е проширување кое некои земји-членки на Европската унија (ЕУ) го блокираат со години.

Европските пратеници по четврти пат од 2018 година побараа од Советот на ЕУ веднаш да ги вклучи овие две земји во зоната на слободно движење, што би значело укинување на контролите на нивните граници со други земји од шенгенскиот простор.

За такво проширување на шенгенскиот простор е потребна едногласна поддршка во Советот.

Во текстот кој беше изгласан со големо мнозинство (547 гласови за, 49 против и 43 воздржани, европските пратеници потсетија дека Бугарија и Романија, кои се членки на ЕУ од 2007 година, „веќе неколку години ги исполнуваат сите услови“.

Шенгенскиот простор е област во која може да се патува без пасоши и каде што граничните контроли во принцип се укинати.

Бугарија и Романија бараат влез во Шенгенскиот простор од 2011 година, но некои држави, вклучително и Холандија, се колебаат да дадат одобрение, барајќи од тие земји напредок во борбата против корупцијата.

Од 27 држави членки на ЕУ, само Бугарија, Романија, Хрватска, Кипар и Ирска не се дел од Шенгенскиот простор.

Од друга страна, вклучени се Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн, иако не се членки на ЕУ.