На пет локации во Белград било утврдено дека дојавите за поставени бомби биле лажни, а во тек се прегледи на уште неколку локации, изјавиле од српското Министерство за внатрешни работи за новинската агенција Бета.
Според полициските информации, досега е утврдено дека дојавите за поставени бомби на аеродромот Никола Тесла, во црквата Свети Марко, во редакцијата на Курир, во студентскиот дом Карабурма и во една спортска обложувалница биле лажни.
Дојавите за поставени бомби почнале да пристигнуваат нешто после 14 часот преку интернет.
Србија во изминатите неколку месеци често беше мета на дојави за лажни бомби.
Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин на 16 мај рече дека во тек е „специјална војна која се води против Србија“ за земјата да престане да води „самостојна политика и да донесува одлуки под притисок и во страв“.
Премиерката Ана Брнабиќ на 17 мај наведе дека во прашање е притисок против Србија, зашто официјален Белград одбива да воведе санкции против Русија.