Договорите за парно ќе се праќаат и по пошта и на интернет

Илустрација

ЕСМ Снабдување подготвува поедноставување на постапката за склучување нови договори за парно греење во Скопје и нагласува дека новите начини ќе бидат достапни во следните денови, за што јавноста ќе биде навремено известена.

„Потрошувачите ќе имаат можност сами да го пополнат образецот на договорот за снабдување со топлинска енергија, кој ќе биде прикачен на веб страницата на АД ЕСМ и во два примерока да го предадат во еден од пунктовите на ЕСМ снабдување, со приложување на увид документ за лична идентификација и една фактура (или копија) од претходниот снабдувач. По заверка на договорот, од страна на ЕСМ снабдување, ќе им биде доставен по пошта на адреса на потрошувачот, наведена во договорот“, соопшти ЕСМ.

ЕСМ снабдување, се вели во соопштението, во наредниот период ќе го достави образецот на договорот за снабдување со топлинска енергија во поштенското сандаче во објектите каде се испорачува топлинска енергија, а потрошувачите ќе треба да го пополнат во два примерока и да го предадат во еден од пунктовите на ЕСМ снабдување, со документ за лична идентификација на увид и една фактура (или копија) од претходниот снабдувач. По заверка на договорот, од страна на ЕСМ снабдување ќе им биде доставен по пошта на адреса на потрошувачот, наведена во договорот.

Поради високите цени на гасот, досегашниот снабдувач со топлинска енергија БЕГ лани се откажа, по што државата го презеде парното греење во Скопје. Пред неколку дена државниот производител на струја ЕСМ доби лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија и го презеде скопското парно. Корисниците сега треба да потпишат договори со новиот снабдувач.