МНР со вербална нота до Софија поради иредентистичките и навредливи изјави на Џамбаски

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР), преку Амбасадата во Софија, упати вербална нота, со која изрази крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и ко-претседател на политичката партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски.

Во контраверзна видео снимка објавена на социјалните мрежи, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски порача дека за „србоманите од Скопје нема место во ЕУ“. Тој беше застанат пред мапата на Голема Бугарија, која ја вклучува скоро цела Македонија, и делови од Србија, Грција и Албанија.

„Ние Бугарите сме дел од ЕУ, а вие србоманите не сте. Ние Бугарите сме од тие што решаваат каде сте вие. Кои сте вие, решаваме ние, не вие, Димитар или Белград. Вие не решавате ништо. Вакви какви што сте, можете да направите сојуз со Северна Кореја“, вели Џамбаски, обраќајќи му се на премиерот Димитар Ковачевски.

Џамбаски додаде дека Македонија нема никаква историја пред 1944-та година и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

МНР соопшти дека Џамбаски во повеќе наврати „изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Северна Македонија“, што е спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.

Македонското МНР очекува бугарското државно раководство, Владата и Министерството за надворешни работи на Република Бугарија да го осуди и да се огради од изјавите на Џамбаски.

Исто така, МНР „би ги ценела евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања“.

Претходно, министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе испрати протестна нота до Бугарија.

„Се обидувавме во овој период да го игнорираме затоа што целта на европратеникот е да ги искористи тие реакции за себепромоција, меѓутоа овој пат ги надмина сите граници на провокација и тука мора да реагира и бугарската држава“, рече Османи на заедничката прес-конференција со шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон, која е во посета на Скопје.

Фајон рече дека го поддржува Османи.

Бугарија ги условува македонските евроинтеграции со решавање на идентитетските и историски прашања. Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав се услов за продолжување на процесот на евроинтеграции.