Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Загреб изјави дека се противи на идејата во Хрватска да се обучуваат украински војници, оценувајќи дека тоа значи доведувањето на војната во Хрватска.
„Не ја поддржувам таа идеја, затоа што не поддржувам вплеткување на Хрватска во оваа војна повеќе од што треба“, рече Милановиќ пред медиумите.
Одговарајќи на новинарски прашања, Милановиќ рече дека не чул за таков предлог, но дека однапред кажува оти тоа не му се допаѓа и дека тоа, како врховен командант, нема да го одобри, пренесе регионалната телевизија Н1.
„Тоа е доведување на војната во Хрватска. Однапред кажувам – да не одиме во тоа, а за сè што мислиме да донираме, на тоа немам влијание. Тоа се материјални средства, тоа го одредува владата“, рече хрватскиот претседател.
Тој додаде дека Хрватска е „коректна и солидарна“, но „повеќе од тоа не“.
Хрватските медиуми денеска објавија дека Хрватска се споменува како еден од можните домаќини за воена обука на тлото на ЕУ на околу 15 илјади украински војници.
Министерството за одбрана на Хрватска соопшти дека хрватската армија континуирано спроведува сопствени обуки и оти во рамки на постојните обуки е спремна да прими странски учесници во согласност со плановите и законските процедури, пренесува Н1.
Неколку европски земји, како дел од воената помош за Украина против руската агресија, најавија дека ќе обучуваат украински војници на нивна територија за да може да ѝ се спротивстават на Русија. Москва ја нападна Украина на 24 февруари.