Украина соопшти дека била спроведена уште една „голема“ размена на затвореници со Русија, опишувајќи ја оваа како прва целосно размена на жени од почетокот на руската инвазија врз Украина. Андриј Јермак, шеф на кабинетот на претседателот, на Телеграм рече дека до размената дошло вчера и оти биле ослободени 108 жени. „Мајки и ќерки беа во заробеништво, а нивните роднини ги чекаа“, рече Јермак. Меѓу ослободените затвореници имало и 37 кои се држеле во челичарницата Азовстал во украинскиот пристанишен град Мариупол низ неколкунеделните борби во градот додека руските сили не го зазеле во мај. Повеќето од жените биле припадници на украинските вооружени сили.
Русија и Украина разменија 40 затвореници
Јермак објави фотографија од жените, многу од нив во униформи и насмеани. Некои од жените биле заробени пред Русија да ја започне својата неиспровоцирана инвазија на 24 февруари и биле држени поради „екстремно проукраинска позиција“, рече Јермак. Тој додаде дека жените ќе бидат подложени на лекарски преглед, а потоа ќе бидат вратени кај нивните семејства за да закрепнат. Јермак не соопшти детали за затворениците кои Украина ги ослободи во размената, која ја опиша како напната. Но, шефот на еден од руските окупирани украински региони, назначен од Русија, претходно изјави дека Киев ослободил 80 цивили и 30 воени лица. Последната размена на затвореници меѓу Киев и Москва се случи на 13 октомври.