Советот за безбедност на ОН ќе расправа за Косово

генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе расправа за новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК). Во извештајот за периодот од 16 март до 15 септември 2022 година, кој на седницата ќе го презентира шефицата на УНМИК, Каролин Зијаде, Гутереш укажува на нестабилната ситуација на теренот, придружена со високи тензии и жестока реторика. Гутереш потсетува на ескалација на тензиите на 31 јули, кога Србите од северот на Косово поставија барикади на патиштата, незадоволни од одлуките на властите во Приштина за издавање документи за влез и излез и задолжителната пререгистрација на возилата на косовски регистарски таблички.

НАТО е подготвенo да испрати повеќе војници во Косово во случај на нови немири

„Настаните на 31 јули на северот на Косово, како реакција на одлуките на косовската влада поврзани со слободата на движење, беа сериозна ескалација што ја доведе ситуацијата на работ на конфликт со потенцијално трагични последици“, оценува Гутереш. Тој ја истакнува и важноста на дипломатскиот ангажман на САД и ЕУ за деескалација на ситуацијата, како и активностите на мисиите на КФОР и ЕУЛЕКС за зачувување на мирот и стабилноста. Во извештајот Гутереш ги повикува двете страни да покажат воздржаност и посветеност на дијалогот со цел да се намали ризикот од нова ескалација на тензиите.