Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска изјави дека во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени понудите за набавка на потребните количини од природен гас за наредниот месец. Според него, досега понуда доставила само компанијата Макпетрол.
Тој притоа рече дека очекува да добијат уште две до три понуди. Ковачевски е оптимист дека ќе се најде доволно количини за сите топлани, но и да се задоволат и потребите на ТЕТО.
Ковачевски посочи и дека АД ЕСМ во наредните денови ќе проба да најде полесен начин како граѓаните да ги склучат новите договори за топлинска енергија откако акционерското друштво ја презема дејноста од БЕГ. Тој посочи дека се работи за околу 60 илјади домаќинства.
Обврската за промена на договорите се однесуваат на сите граѓани кои досега парно добиваа преку компанијата БЕГ ( Балкан Енерџи груп) Тоа значи дека периодов кој следува исто толку сопственици на станови ќе треба да отидат на некој од трите пункта на БЕГ (во Центар, Аеродром и Тафталиџе), за да потпишат договор во којшто ќе пишува дека парното сега им го обезбедува ЕСМ.
АД ЕСМ досега набави природен гас за првите две недели од стартот на грејната сезона, односно до крајот на октомври.