Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека „се додека можеме да издржиме без да ги загрозиме нашите највитални национални и државни интереси, ќе ја следиме политиката утврдена со заклучокот на Советот за национална безбедност“ поврзана со санкциите врз Русија.
„Кога не можеме, ќе им се обратиме на нашиот народ, на граѓаните и ќе им кажеме зошто не можеме“, рече Вучиќ на церемонијата по повод 20-годишнината од формирањето на Безбедносно-информативната агенција (БИА).
Во последниот извештај на Европската комисија се наведува дека Србија има назадување во процесот на усогласување на надворешната политика со ЕУ.
Според извештајот, стапката на усогласеност е „значително“ намалена, од 64 отсто претходната година на 45 отсто, поради одбивањето на Србија да ги почитува санкциите на Европската унија против Русија.
Русија е под санкции од Западот поради нејзината агресија врз соседна Украина. Србија е единствената земја од Западен Балкан која не се приклучи на санкциите.