Иран денеска соопшти дека не и дал на Русија дронови за употреба во Украина. „Објавените вести за тоа дека Иран и обезбедува беспилотни летала на Русија имаат политички амбиции и ги циркулираат западни извори. Ние не обезбедивме оружје на ниту една страна од земјите во војна“, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канаани. Русија, според наводите на украинските власти, во последниве недели сè почесто ги користи таканаречените самоубиствени дронови за да ги таргетира урбаните центри и инфраструктурата, вклучително и електричните постројки. Денеска имало нови воздушни напади во Киев и јужниот регион Днепропетровск.
Иран повторно негира дека и дава на Русија оружје
Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, на апликацијата за пораки Телеграм напиша дека Киев бил погоден од беспилотни летала познати како дронови-камикази. „Русите мислат дека тоа ќе им помогне“, наведува Јермак. Нападите дојдоа по една недела откако руски проектили убија најмалку 19 луѓе низ Украина во најтешкото бомбардирање во последните неколку месеци. Во меѓувреме. шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека Европската унија бара конкретни докази за каква било вмешаност на Иран во руската војна против Украина „Ќе бараме конкретни докази за учеството (на Иран во војната во Украина)“, им рече Јосеп Борел на новинарите при пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, додавајќи дека на собирот ќе учествува и Украинецот Дмитро Кулеба.