Нови воздушни напади денеска беа насочени кон главниот град Киев и јужниот регион Днепропетровск, соопштија украинските власти, додека руските и украинските сили водеа битки околу два града во источниот украински регион Донбас.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Нападите дојдоа по една недела откако руски проектили убија најмалку 19 луѓе низ Украина во најтешкото бомбардирање во последните неколку месеци. Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, на апликацијата за пораки Телеграм напиша дека Киев бил погоден од беспилотни летала познати како дронови-камикази. „Русите мислат дека тоа ќе им помогне“, наведува Јермак.
Експлозии во центарот на Киев, руските сили ги продолжуваат нападите
Русија во последниве недели сè почесто ги користи таканаречените самоубиствени дронови за да ги таргетира урбаните центри и инфраструктурата, вклучително и електричните постројки. Градоначалникот Виталиј Кличко изјави на Телеграм дека неколку експлозии го потресоа Киев, а сведоци пријавија три експлозии. Експлозиите предизвикаа пожар во нестанбена зграда и оштетија неколку станбени блокови, рече Кличко.
Засега нема информации за жртви. Кличко подоцна пријави уште два напада. На југ, избувна голем пожар во енергетскиот објект во регионот Дњепропетровск откако беше погоден со ракета во текот на ноќта, изјави локален официјален претставник.