Измените кои ги предлага опозицијата и со кои се предвидува забрана за формирање правни субјекти со контроверзни имиња се на дневен ред на денешната пленарна седница, а со нив се предвидува да бидат опфатени и веќе регистрираните бугарски клубови. Претходно премиерот Димитар Ковачевски упати јасен повик до пратениците од владејачката коалиција да дадат поддршка за измените кои ќе го спречат напливот на бугарски клубови со спорни имиња.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за Канал 5 изјави дека се потребни измени на Законот за здруженија и фондации и дека овој закон, кој е стар десетина година треба да се ревидира. „Вредно е да се разгледа иницијативата на опозицијата за промена на законот. Имавме сигнали од пратениците од владејачкото мнозинство дека би го прифатиле тоа“, рече Маричиќ. Вицепремиерот истакна дека сите се свесни дека треба да се промени законот и дека Владата е отворена за разговори како најдобро да се направи тоа. Пред неколку дена во Охрид беше отворен бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“. Тоа е втор бугарски клуб што се отвори годинава. Отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 16 април годинава, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност.