Иран со критика до Бајден поради поддршката за демонстрантите

Iran

Иран го критикуваше американскиот претседател Џо Бајден за изразувањето поддршка за протестите што го потресоа Иран откако една млада жена беше убиена во полициски притвор.

Говорејќи во западната американска држава Орегон на 15 октомври, Бајден рече дека е изненаден од храброста на луѓето што излегоа на улиците во знак на протест во Иран.

Техеран смета дека таа забелешка претставува мешање во внатрешните работи на Иран.

„Во саботата... Бајден се вмеша во државните работи на Иран поддржувајќи ги немирите... Во последниве денови, американската администрација очајно се обидуваше да ги разгори немирите во Иран под различни изговори“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канани.

Иран е потресен од национални протести - еден од најсериозните предизвици за исламската влада од револуцијата во 1979 година - предизвикани од смртта на Махса Амини на 16 септември.

22-годишната Амини беше приведена од полицијата за морал поради „несоодветна облека“ во однос на нејзината шамија или хиџаб. Очевидци велат дека Амини, којa потекнува од курдскиот регион во земјата, била претепана додека била во притвор, но властите тоа го негираат и како официјалната причина за смртта наведуваат „болест“.

На 15 октомври, немирите се проширија во еден од најозлогласените затвори во земјата со пожар и пукање пријавени во затворот Евин во главниот град Техеран.

Радио Фарда јавува дека немирите започнале во Одделот 7 од затворот, кој е познат по држењето политички затвореници и кој беше на црната листа на американската влада во 2018 година поради тоа што е место со „сериозни прекршувања на човековите права“.

Одделението се наоѓа во близина на затворското одделение каде што се задржани приведените за време на немирите поради смртта на Махса Амини. На видеото и фотографиите на социјалните мрежи се гледа како чад се издига над затворот.

Државните медиуми повикувајќи се на официјален владин претставник посочуваат дека „криминални елементи“ го предизвикале немирот кој бил ставен под контрола. Но на социјалните мрежи се споделуваат информациите дека се уште се слушаат истрели во областа.

Организациите за човекови права соопштија дека најмалку 201 лице биле убиени во акцијата на безбедносните сили.

Немирите продолжија и покрај, како што ja нарече Амнести интернешенел, „немилосрдна брутална акција“ која вклучуваше „сеопфатен напад врз децата демонстранти“ -- што доведе до смрт на најмалку 23 малолетници.

Репресивниот одговор на иранските власти на демонстрантите предизвика меѓународна осуда и санкции кон Иран од Велика Британија, Канада и САД.