Новиот британски министер за финансии денеска предупреди на претстојно зголемување на даноците, признавајќи ги „грешките“ сегашниот буџет кои се закануваат да ја соборат премиерката Лиз Трас, пренесува агенцијата Франс прес (АФП).
Трас се бори за опстанок – наслови британскиот весник Тајм, еден ден откако премиерката го принуди министерот за финансии Кваси Квартенг да ја преземе одговорноста за превирањата на пазарот предизвикани од буџетот донесен на 23 септември и да поднесе оставка.
Тајмс, Телеграф и други весници објавија дека влијателни пратеници од владејачката Конзервативна партија работат на симнување на Трас од премиерската позиција, веројатно во наредните неколку дена, вознемирени од падот на рејтингот на партијата, откако таа го замени Борис Џонсон на чело на владата на 6 септември.
Новиот министер за финансии Џереми Хант посочи дека ќе ја напушти стратегијата која ја донесе Трас на премиерската позиција.
„Имаше грешки“, рече тој.
Хант е поранешен министер за надворешни работи и се смета за центрист во Конзервативната партија.
Тој рече дека Квартенг и Трас погрешиле во обидот да ги намалат даноците за оние кои заработуваат најмногу и при презентирањето на буџетот без независна проценка од Канцеларијата за буџетска одговорност.
„Премиерката го препозна тоа, затоа сум тука“, рече Хант за Скај њуз.
Тој ја презеде функцијата доцна синоќа по оставката на Квартенг и се сретна со гувернерот на централната Банка на Англија Ендрју Бејли. Банката мораше да направи скапи интервенции за да го смири вознемирениот пазар на обврзници.
Министерството за финансии на Твитер објави дека тие разговарале за справувањето со глобалната инфлација, економскиот раст и за фискалната дисциплина.
Даночните намалувања беа во фокусот на лошиот буџет објавен од Квартенг и Трас.
Буџетската дупка предизвикана од намалувањето на даноците се финансираше преку милијарди нови задолжувања, што предизвика паника на финансиските пазари и донесе повисоки трошоци за живот за британските домаќинства во ек на криза поради поскапувања.
„Ни претстојат некои многу тешки одлуки“, рече Хант, предупредувајќи дека „сите владини оддели“ се соочуваат со кратење на трошоците.
„Некои даноци нема да се намалат толку брзо колку што луѓето сакаат. Некои даноци ќе се зголемат“, рече тој.