Иран повторно негира дека и дава на Русија оружје

Илустрација

Иран ги отфрли обвинувањата дека и доставил на Русија оружје „да се користи во војната во Украина“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.

Киев и Вашингтон го обвинија Техеран дека и доставува беспилотни летала на Русија за да ги користи во нејзината неиспровоцирана војна против својот сосед. Се очекува оваа тема да биде разгледана од министрите за надворешни работи на Европската унија на средба во Луксембург на 17 октомври.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан „нагласи дека Исламската република Иран ниту обезбедила ниту ќе обезбеди оружје за употреба во војната во Украина“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Русија започна нови напади врз регионот Киев и Миколаев

„Веруваме дека вооружувањето на секоја страна од кризата ќе ја продолжи војната“, изјави иранскиот министер за надворешни работи во разговорот со неговиот португалски колега Жоао Гомеш Кравињо.

„Ние не сметавме и не сметаме дека војната е вистинскиот пат ниту во Украина, ниту во Авганистан, Сирија и Јемен, “ додаде тој.

Претходно оваа недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ирански беспилотни летала биле користени во руските напади врз енергетската инфраструктура во неколку украински градови.

Минатиот месец Киев рече дека значително ги намалува дипломатските односи со Техеран поради испораките на оружје за Русија. Иран рече дека одлуката е „водена од неосновани информации обезбедени од странска медиумска пропаганда“.

По гамбитот на Кремљ со анексијата остана малку простор за крај на војната

Во одделен телефонски разговор со шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел на 14 октомври, Амир-Абдолахиан го повтори официјалниот став на Иран за неутралност во врска со војната што започна пред речиси осум месеци.

„Имаме одбранбена соработка со Русија, но нашата политика во однос на војната во Украина не е испраќање оружје на конфликтните страни, запирање на војната и завршување на раселувањето на луѓето“, рече тој.

Тој, исто така, ја критикуваше Европската унија за протестите во Иран предизвикани од смртта во притвор на 22-годишна жена. ЕУ, наводно, планира да воведе санкции против Иран следната недела поради задушување на протестите.

Од своја страна, Борел рече дека го повикал Иран да ја запре репресијата на демонстрантите и да ги ослободи оние што беа приведени во последните недели.

„Луѓето во Иран имаат право на мирни протести и да ги бранат основните права“, напиша Борел на Твитер на 14 октомври.