Трите шведски партии од десниот центар објавија дека постигнале договор за формирање коалициска влада во која нема да бидат вклучени антиимигрантските шведски демократи, туку ќе зависи од нивната поддршка во парламентот.
Договорот доаѓа по едномесечни разговори по изборите на 11 септември, кои на Шведските демократи, партија со десничарски екстремистички корени, им дадоа невидена позиција на влијание во шведската политика.
„Шведскиот парламент в понеделник ќе гласа за предложеното формирање на малцинска влада предводена од лидерот на Умерената партија Улф Кристерсон“, изјави претседателот на парламентот Андреас Норлен на прес-конференција во петокот.
Опозицискиот лидер Улф Кристерсон рече дека неговата конзервативна Умерена партија ќе формира централно-десничарска коалициона влада со либералите и демохристијаните. Шведските демократи би биле надвор од коалицијата, но би помогнале да се обликува владината политика од страна. Коалицијата на десниот центар зависи од поддршката на шведските демократи за да обезбеди мнозинство во парламентот.
Партијата, која има неонацистички корени, стекна популарност под водство на Џими Акесон, кој откако ја презеде партијата во 2005 година, ја издигна од маргинално движење во втората по големина партија во Шведска, со повеќе од 20 отсто од гласовите.
Акесон рече дека би претпочитал функции во кабинетот за неговата партија, но го поддржа договорот што ќе и даде на неговата партија влијание врз владината политика, вклучително имиграцијата и судството.