Пендаровски: неопходен е државен консензус за уставните измени

Стево Пендаровски

Преговорите се можност за намалување на евроскептицизмот преку враќањето на Европската Унија на голема врата кај нас и во регионот. Тоа може да се постигне само преку поголема видливост на Унијата со своите механизми, иницијативи, критики и структурни фондови. Граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата, не како далечно, безлично бирократско тело, туку, како нивен сојузник во напорите за подобар живот, тука, во Северна Македонија, порача претседателот на државата Стево Пендаровски на денешниот настан „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”.

„Позитивен тон“ во извештајот на ЕК за Македонија, Вархеји бара да продолжи борбата со корупцијата

Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на државата, според Пендаровски, доаѓа во време на растечки евроскептицизам меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции. „Во неколку наврати македонските граѓани и нивните избрани политички претставници прифаќаа тешки компромиси без преседан во модерната историја, се во името на европската иднина. Не еднаш беше подгреван ентузијазмот кај луѓето кога се чинеше дека се наоѓаме пред самата порта на Обединета Европа. И речиси секогаш тие очекувања беа изневерувани поради барања и блокади кои реално не беа поврзани со европските вредности. На внатрешен план, закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација во општеството, партизација на институциите, економска стагнација и најтешкото и најболното, масовно иселување на младите, истакна Пендаровски.

Пендаровски - Отворањето преговори е добра можност против растечкиот евроскептицизам

Единствено, континуитетот во преговорите може да ја промени ваквата состојба, смета Пендаровски, според кого, не е исклучена можноста од идни провокации од политички субјекти со анахрони погледи и непринципиелни и неевропски барања кои задираат во нашите идентитетски прашања. За продолжување на преговорите, како што рече шефот на државата, ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање. Овој процес, според Пендаровски, треба да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација. Преговорите за членство, смета шефот на државата, ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион.