Луѓе, бомби и животни
ГЕРМАНИЈА - Популациите на диви животни - цицачи, водоземци, влекачи и риби - се намалиле во просек за речиси 70 проценти од 1970 година, се наведува во извештајот објавен денеска од Светскиот фонд за природата кој укажува на сè поизразена поврзаност помеѓу губењето на биолошката разновидност и затоплувањето на климата. Уништувањето на природните живеалишта, особено за развој на земјоделството, останува главната причина, проследено со прекумерна експлоатација.
СРБИЈА - Две жени загинаа, а најмалку 10 луѓе се повредени, од кои три потешко, откако висечки пешачки мост се урна во река во централна Србија.
РУСИЈА - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва останува „отворена за разговори“ со Киев за тековната руска инвазија врз Украина, нагласувајќи дека „целите на специјалната воена операција“ на истокот на Украина „остануваат непроменети“.
БЕЛГИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин би ја преминал „многу важната линија“ доколку нареди употреба на нуклеарно оружје во Украина, предупреди денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
УКРАИНА - Москва и Киев денеска соопштија дека размениле по 20 војници, во последната размена на затвореници. „Уште една размена на затвореници, уште еден момент на радост“, изјави на Телеграм помошникот на украинскиот претседател Андриј Јермак.
МАКЕДОНИЈА - Платите на вработените нема да бидат намалени, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски откако Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) реагираше дека нема да дозволи намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата.
ЕУ - Советот на Европската унија (ЕУ) денеска ја усвои одлуката за потпишување на договорот за гранично управување (Фронтекс) меѓу ЕУ и Северна Македонија. Договорот сега треба да биде одобрен од страна на Европскиот Парламент.
ТУРКИЈЕ - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека дипломатијата може да понуди шанса за „праведен мир“ што ќе го запре крвопролевањето во војната во Украина и покрај многуте пречки и ја повтори својата понуда за посредување.
ИРАН - Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска ги обвини САД дека водат „политика на дестабилизација“ против Иран, каде што веќе еден месец траат антивладини демонстрации предизвикани од смртта на 22- годишна Иранка во полиција поради наводно прекршување на законот за носење хиџаб.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, како и за отворањето на новиот бугарски клуб со провокативно име го повтори својот став дека добри односи меѓу соседи не се градат со провокации.
САД - Соединетите држави ја потврдија својата посветеност да ја бранат „секоја педа“ од територијата на НАТО пред денешните разговори меѓу министрите за одбрана од Алијансата кои ќе вклучуваат дискусии зад затворени врати на нивната група за нуклеарно планирање. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја потврди посветеноста на САД на колективната одбрана на НАТО по повторените нуклеарни закани од страна на рускиот претседател Владимир Путин во услови на неуспеси на бојното поле во неговата речиси осуммесечна инвазија врз Украина.