Рускиот претседател Владимир Путин би ја преминал „многу важната линија“ доколку нареди употреба на нуклеарно оружје во Украина, предупреди денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Во наредните денови и НАТО и Русија планираат воени вежби.
НАТО следната недела ја одржува својата вежба наречена „Стабилно пладне“. Долго планираните маневри се одржуваат приближно во исто време секоја година и траат околу една недела. Тие вклучуваат борбени авиони способни да носат нуклеарни боеви глави, но не вклучуваат боева муниција.
Русија обично спроведува свои вежби во исто време, а НАТО очекува Москва овој месец да спроведе вежба во која ќе учествуваат нуклеарни сили. Столтенберг рече дека НАТО „внимателно ќе следи“ што прави Русија.
Запрашан што би направил НАТО доколку Русија изврши нуклеарен напад, Столтенберг рече:
„Нема да навлегуваме во тоа како точно ќе одговориме, но се разбира тоа суштински ќе ја промени природата на конфликтот. Тоа ќе значи дека е премината многу важна линија“.
Тој додаде дека „дури и секоја употреба на помало нуклеарно оружје ќе биде многу сериозна работа, која суштински ќе ја промени природата на војната во Украина.
„А тоа, се разбира, ќе има последици“, рече Столтенберг.
Забелешките на Столтенберг слдуваа по состанокот на тајната Група за нуклеарно планирање на НАТО меѓу министрите за одбрана во Брисел, додека расте загриженоста поради инсистирањето на Путин дека ќе ги искористи сите неопходни средства за одбрана на руската територија.
Состанокот, кој обично се одржува еднаш или двапати годишно, се одржува во услови на високи тензии, бидејќи некои сојузници на НАТО, предводени од САД, ја снабдуваат Украина напредно оружје и муниција за да се одбрани од руските воздушни напади.