Ковачевски: Нема да бидат намалени платите на вработените

премиерот Димитар Ковачевски

Платите на вработените нема да бидат намалени, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски откако Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) реагираше дека нема да дозволи намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата.

Ковачевски ги коментираше реакциите од синдикатите по Планот за фискална консолидација што го усвои Владата за намалување на трошоците во буџетските институции.

„Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните“, рече Ковачевски.

Претходно и синдикатот на УПОЗ реагираше дека е најавено кратење на платите на вработените во администрацијата. Претседателот на УПОЗ Трпе Дејановски за медиумите изјави дека во документ на Владата се предвидува 30 проценти од вработените да работат дома со ротации и да добиваат плата според ангажманот, како и можност за суспендирање и укинување на колокетивните договори.

ССМ денеска во соопштение наведе дека ниту еден колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор не може да биде откажан или ревидиран за одредбите кои имаат фискални импликации.

„Нема да дозволиме намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата“, велат од ССМ додавајќи:

„ССМ и гранковите синдикати при ССМ нема да даваат согласност за какви било измени и дополни на колективните договори во насока на намалување на работничките права.“

Ковачевски изјава дека Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност во услови на криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза.

Тој рече дека е донесена одлука да бидат ревидирани менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а дека Комисијата за економски систем е задолжена да ја дефинира новата форма.

Ковачевски вели дека консолидацијата на расходите во државните институции, вклучително и на јавните претпријатија и трговските друштва преку консолидација на трошоците за плати, не значи намалување на платите.

Ковачевски исто така рече дека треба да се делува и во усогласување на платите затоа што постоеле институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имале, на пример претседателот на државата или министрите.

Планот на Владата е за намалување на трошоците секаде каде што е можно и за зголемување на приходите, бидејќи секогаш има и приходна страна, дали институциите ефикасно ги наплаќаат своите приходи, дали ги реализираат ефикасно и брзо фактурите, вели Ковачевски.