Иран ги обвини САД дека водат политика на дестабилизација на земјата

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска ги обвини САД дека водат „политика на дестабилизација“ против Иран, каде што веќе еден месец траат антивладини демонстрации предизвикани од смртта на 22- годишна Иранка во полиција поради наводно прекршување на законот за носење хиџаб. „По неуспехот на воената опција и американските санкции, Вашингтон и неговите сојузници прибегнаа кон политика на дестабилизација осудена на неуспех“, рече Раиси во Астана, Казахстан, на самитот на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија, форум за соработка на 27 азиски земји.

Над 200 загинати во немирите што го потресуваат Иран

Демонстрациите во Иран траат откако иранската полиција за морал ја претепа Махса Амини поради неправилно носење хиџаб. Иран негира дека таа починала како последица на тепање и наведува дека починала од хронична болест. Амини имала курдско потекло и нејзината смрт особено ги потресе граѓаните во курдскиот дел на Иран, каде што почнаа демонстрациите на 17 септември по нејзиниот погреб.