Спасовски против регистрација на клубови што ги повредуваат националните чувства на македонскиот народ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, како и за отворањето на новиот бугарски клуб со провокативно име го повтори својот став дека добри односи меѓу соседи не се градат со провокации. Во утринската програма на Националната телевизија, Спасовски нагласи дека е еден од тие кој инсистира државата да изнајде механизми за да се забрани регистрација на било какви клубови кои, пред сѐ, ќе ги повредуваат националните чувства на македонскиот народ, македонските граѓани и на Република Северна Македонија.

МНР за оштетената табла на бугарскиот клуб - Ова е вандалски чин

„Ги осудувам сите овие клубови кои што ги отвораат токму во овој момент. Секој од нас може да постави прашање, зошто досега не се отвораа вакви клубови, туку токму сега, кога започна интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија?“, истакна Спасовски. Тој потенцираше дека историски факт е оти Бугарија била дел од фашистичката оска и не е логично тие кои бараат начин да се оттргнат од тоа минато, тука да промовираат имиња на фашисти по клубови.