Во Сараево денеска ќе започне пребројувањето на гласачките ливчиња за претседател на Република Српска, соопшти Централната изборна комисија ЦИК на БиХ. Прецизирано е дека попладне ќе почне службеното отворање на кесите и контролното пребројување на гласачките ливчиња на сите редовни избирачки места во Република Српска (РС) за ниво на претседател и потпретседатели на РС. Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина соопшти дека на броењето може да присуствуваат акредитирани набљудувачи на политички партии. „Трите јавни РТВ сервиси во Босна Херцеговина (РТВ БиХ, РТВ Федерација и Радио-телевизија РС), доколку покажат интерес, можат во живо да го пренесуваат отворањето на кесите и контролното пребројување на гласачките ливчиња“, нагласи ЦИК на БиХ.
Во Република Српска продолжуваат протестите поради изборна измама од Додик
Наредбата за пребројување на гласовите за ова ниво беше донесена деновиве, поради, како што се наведува, нерегуларности на изборите за претседател на РС. Опозициските партии од РС - СДС, ПДП и Листа за правда и ред - поднесоа барање до ЦИК на БиХ за пребројување на гласовите за претседател на РС, во кое се наведува дека нивниот кандидат Јелена Тривиќ била оштетена на изборите на 2 октомври.
И Додик и Тривиќ прогласија победа во претседателската трка во Република Српска
ПДП ја прогласи победата на својот кандидат во изборната ноќ, а три часа потоа кандидатот на СНСД, Милорад Додик, кој според податоците на ЦИК има поголем број гласови. Опозициските партии одржаа протести во Бања Лука во четвртокот и неделата, обвинувајќи ги владејачките партии за организирање „изборна кражба и обид за промена на волјата на народот“