Пари и политика
МАКЕДОНИЈА - Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 процентни поени и сега каматата е 3,5 отсто, во обид за зауздување на растечката инфлација. „При носењето на одлуката беше обрнато особено внимание на нагорните придвижувања на инфлацијата, којашто во септември повторно забрза, исклучиво поради прехранбената и енергетската компонента. Исто така, со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка“, соопшти Народната банка.
МАКЕДОНИЈА - Нема цензура и произволна измена на текстот на песната „Абре Македонче“, со политичка позадина, велат од Националната опера и балет (НОБ), по реакциите во јасноста дека при изведбата на песната на одбележувањето на „11 Октомври“ еден стих од песната е сменет.
Од НОБ велат дека при изведба на песната е користен автентичен аранжман чија хармонизација е пријавена од Драган Шуплевски, а потврдена од НОБ и Сојузот на композитори. Аранжманот по кој вчера била изведена песната е правен во доцните 70 или во 80-те години на минатиот век. Хорот на Националната опера и балет на одбележувањето на 11 Октомври - Денот на народното востание во Куманово, стихот „нека разберат клетите фашисти“, со испеа , „нека разберат душманите клети“.
СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека во голема мера се согласува со напишаното во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Србија. Тој на 12 октомври на прес -конференција по средбата со шефот на делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Србија, Емануел Џофре, рече дека со „најголема сериозност“ ќе ги земе предвид ставовите и предлозите на Европската комисија за усогласување на надворешната политика.
МАКЕДОНИЈА - Лидерот на политичката партија Левица Димитар Апасиев изјави дека враќањето на нивната иницијатива за референдум за Францускиот предлог од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери е само купување време, но дека тие ќе ја направат корекцијата во дадениот рок и повторно ќе ја поднесат.
МАКЕДОНИЈА - Седницата на Економско -социјалниот совет била прекината бидејќи ништо од тоа што го барале Синдикатите во изминатиот период не било ставено на дневен ред, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикат на управа, правосудство и здруженија (УПОЗ).
МАКЕДОНИЈА - Ќе следи детална анализа на Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава, со која ќе се утврдат областите на кои ќе треба поинтензивно да работат, изјавил премиерот Димитар Ковачевски откако од евроамбасадорот Дејвид Гир го добил Извештајот.
Премиерот изразил благодарност до Европската унија за препознатиот напредок на земјата во повеќе области. Во извештајот Македонија доби позитивна оценка од ЕУ, но Европската комисија повторно најде забелешки за имплементацијата на законите, нарушената работа на Собранието, но и потребата од поголема транспарентност при носењето државни одлуки. Во извештајот земјава е умерено подготвена по речиси сите критериуми.
РУСИЈА - Москва очекува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган официјално да понуди да посредува во преговорите меѓу Русија и Украина за време на неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, изјави руски функционер. Тие треба да се сретнат на 12 октомври во Казахстан. Турција најверојатно ќе покрене идеи за мир во Украина, а Ердоган веројатно ќе предложи нешто официјално за време на разговорите со Путин, изјави помошникот на Путин, Јуриј Ушаков за новинарите во Москва на 12 октомври.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за надворешни работи на Македонија (МНР) најостро го осудува оштетувањето на таблата на која е испишано името на неодамна отворениот бугарски клуб „Цар Борис Трети во Охрид. За МНР ова е вандалски чин. Од МНР потсетуваат дека според Уставот, и според долгогодишната пракса во земјава, сите граѓани на земјава имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања.
ИРАН - Неколку средношколци што беа уапсени за време на антивладините протестите во Иран биле испратени во кампови за превоспитување за да го „едуцираат и изменат“ нивното однесување, изјави министерот за образование Јусеф Нури. Речиси еден месец во Иран има антивладини протести по смртта на една млада жена во притвор, затоа што неправилно носела хиџаб.
ЕУ - Само со заеднички европски мерки можеме да се справиме со енергетската криза, изјави на 12 октомври министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши, кој учествуваше на неформален министерски состанок за енергетика на Европската унија во Прага. На состанокот е претставен патоказот за понатамошните активности за справување со високите цени на енергијата, како и можностите за обезбедување на природен гас по достапни цени за потрошувачите во Европа, соопшти Министерството за економија.
САД - Неодамнешните воени победи на Украина против руските освојувачи беа „извонредни“ и влијаеја на текот на војната и покрај „злобата и суровоста“ на последните ракетни напади на Москва, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот во седиштето на НАТО во Брисел на 12 октомври. Остин разговараше со Контакт групата за Украина, собир на повеќе од 50 земји на маргините на состанокот на министрите за одбрана на НАТО. Тие разговараат за зајакнување на воздушната одбрана на Украина во услови на континуирани руски ракетни напади низ целата земја, вклучувајќи го и главниот град Киев.
УКРАИНА - Вратена е струјата во нуклеарната централа Запорожје во Украина, соопшти на 12 октомври шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси. МААЕ претходно денеска соопшти дека нуклеарната централа ја изгубила целата енергија што ја добива надвор од локацијата по втор пат во последните пет дена и се потпира врз дизел генератори за да функционира.