Србија ќе ги земе предвид критиките од Извештајот на Европската комисија

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека во голема мера се согласува со напишаното во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Србија. Тој на 12 октомври на прес -конференција по средбата со шефот на делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Србија, Емануел Џофре, рече дека со „најголема сериозност“ ќе ги земе предвид ставовите и предлозите на Европската комисија за усогласување на надворешната политика.

„Назадување на Србија е забележано само во една област – во нашиот однос кон санкциите против Руската Федерација и нашата усогласеност со надворешната политика на ЕУ. Сето тоа е точно“, рече Вучиќ.

Тој рече дека тоа е „политичка одлука на Србија“ и дека Србија ја „плаќа цената“ за тоа.


Иако е земја кандидат за членство во ЕУ, Србија не се согласи со надворешната политика на Брисел во однос на руската инвазија на Украина и не се приклучи кон санкциите на ЕУ против Кремљ.

Поради ова, постојано добива критики од европските претставници.

Осврнувајќи се на поглавјето 35, кое се однесува на нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово, Вучиќ рече дека по тоа прашање Србија ја очекува тежок пат.

„Се плашам дека нема да има добри вести за Србија на тој план“, изјави Вучиќ.

Процесот за приклучување на Србија во Европската унија (ЕУ) ќе биде тежок доколку Белград не воведе санкции кон Русија, изјави на 12 октомври шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Тој за телевизијата Н1 изјави дека „за процесот на пристапување во Европската унија неопходно е усогласување со нејзината надворешна политика“.

Тој изјави и дека „нема рок“ до кој Србија треба да воведе санкции против Русија и додаде дека Белград „треба да ја следи надворешната политика на ЕУ“.

Во Извештајот за Србија се оценува дека низа изјави од највисоки државни функционери во земјата биле спротивни со ставот на ЕУ.

Се подвлекува дека Србија не ги почитувала санкциите против Русија, кои ЕУ и ги воведе на Москва како одговор на агресијата во Украина. Посебен став се однесува на процесот на нормализација на односите со Косово каде се забележува дека нема конкретен напредок во преговорите за договор.