Ќе следи детална анализа на Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава, со која ќе се утврдат областите на кои ќе треба поинтензивно да работат, изјавил премиерот Димитар Ковачевски откако од евроамбасадорот Дејвид Гир го добил Извештајот.
Премиерот изразил благодарност до Европската унија за препознатиот напредок на земјата во повеќе области.
Во извештајот Македонија доби позитивна оценка од ЕУ, но Европската комисија повторно најде забелешки за имплементацијата на законите, нарушената работа на Собранието, но и потребата од поголема транспарентност при носењето државни одлуки. Во извештајот земјава е умерено подготвена по речиси сите критериуми.
Гир му предаде копија од Извештајот и на претседателот на Собранието Талат Џафери, а претходно и на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Од Кабинетот на Џафери велат дека амбасадорот Гир, при презентацијата на Извештајот го потенцирал делот за Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ и како централна институција во која се одвива дебатата на сите политички партии.
„Потребни се заеднички и брзи напори од сите партии како приоритетни чекори за зајакнување на улогата на законодавниот дом“, се наведува во соопштението од собраниската прес- служба.
Во Извештајот се наведува дека работата на Парламентот беше нарушена со политичка поларизација, со што се одложи усвојувањето на многу закони. Од Собранието се бара и да се спроведат препораките од Дијалогот Жан Моне без понатамошно одложување.
Во наредниот период надлежните комисии на Собранието детално ќе го разгледаат Извештајот по што ќе се усвојат заклучоци.