МНР за оштетената табла на бугарскиот клуб - Ова е вандалски чин

Отворање на бугарски клуб Цар Борис Трети во Охрид, 7 октомври, 2022

Министерството за надворешни работи на Македонија (МНР) најостро го осудува оштетувањето на таблата на која е испишано името на неодамна отворениот бугарски клуб „Цар Борис Трети во Охрид. За МНР ова е вандалски чин.

Од МНР потсетуваат дека според Уставот, и според долгогодишната пракса во земјава, сите граѓани на земјава имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања.

Од МНР ги повикуваат сите надлежни институции да преземат соодветни мерки за овозможување на непречено исполнување на сите со Устав и закон загарантирани човечки и граѓански права и слободи.

„Истовремено, го повторуваме апелот и до сите граѓани и здруженија на граѓани за зрело и одговорно однесување со почит кон правата и слободите на другите, напоменувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас“, посочуваат од МНР.

Претходно, охридската полиција информираа дека е оштетен дел од таблата на бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Клубот беше отворен во петокот на 7 октомври, а го носи името на Цар Борис, кој во Втората светска војна бил на страната на нацистичка Германија и фашистичка Италија.

Отворањето на клуб со вакво име предизвика протести и реакции од јавноста.