Неколку средношколци што беа уапсени за време на антивладините протестите во Иран биле испратени во кампови за превоспитување за да го „едуцираат и изменат“ нивното однесување, изјави министерот за образование Јусеф Нури.
Речиси еден месец во Иран има антивладини протести по смртта на една млада жена во притвор, затоа што неправилно носела хиџаб.
Министерот за образование Јусеф Нури во изјава за весникот „Шарг“ на 11 октомври рече дека учениците се испратени во кампови, кои тој ги нарече „психолошки центри“, за да ги спречат да се претворат во „антисоцијални луѓе“.
„Немаме ниту еден ученик во затвор, а доколку бидат приведени, тие се испраќаат во психолошки центри каде експерти ја вршат својата работа за да можат учениците да се вратат во училишната средина откако ќе бидат реформирани“, изјави министерот за образование.
Дваесет и две годишната Махса Амини починала на 16 октомври во притвор откако беше приведена од полицијата за морал. Очевидци велат дека Амини била претепана, додека официјалните лица рекоа дека таа починала од болест, без да дадат докази за нивното тврдење.
Смртта на Амини предизвика национални антивладини протести ширум земјата.
Во последниве денови, се појавија извештаи за апсење на ученици, а видеа на социјалните мрежи прикажуваат и како некои тинејџери демонстранти биле нападнати од безбедносните сили.
На 12 октомври имало протести во Техеран, Карај, Машхад, Исфахан, Шираз и Рашт.