Само со заеднички европски мерки можеме да се справиме со енергетската криза, изјави на 12 октомври министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши, кој учествуваше на неформален министерски состанок за енергетика на Европската унија во Прага.
На состанокот е претставен патоказот за понатамошните активности за справување со високите цени на енергијата, како и можностите за обезбедување на природен гас по достапни цени за потрошувачите во Европа, соопшти Министерството за економија.
На неформалниот состанок, на кој покрај земјите од Европската унија, присуствуваа и членките на Европската енергетска заедница, министерот Бектеши во своето обраќање истакна дека Западниот Балкан треба да биде вклучен во предлог мерките на Унијата, додавајќи дека очекува поддршка од ЕУ.
Мерките кои што ги предлага Европската комисија, а кои треба да се донесат следниот месец, предвидуваат земјите членки да изберат соодветни чекори со што ќе обезбедат намалување на вкупната потрошувачка на електрична енергија за 10 отсто до крајот на март 2023 година, односно задолжително намалување на потрошувачката за најмалку 5 проценти во часовите на шпиц во периодот помеѓу 1 декември 2022 година и 31 март 2023 година.
Како што е наведено во соопштението од Министерството за економија, меѓу мерките за справување со енергетската криза е и ограничување на приходите за производителите на електрична енергија и распределба на вишокот приходи.
Оваа мерка би се применувала за производители на електрична енергија од обновливи извори, нуклеарки и централи на лигнит, тресет и мазут. Пазарните приходи се ограничени на 180 евра за мегават час, а остварените вишок приходи би се користеле за ублажување на влијанието на високите цени врз крајните потрошувачи.
Како една од мерките што ја предлага Европската комисија е и солидарен придонес од бизнисите со фосилни горива, кој би се применувал за компании што се занимаваат со производство или трговија со јаглен, природен гас, сурова нафта и нафтени производи, вклучувајќи и рафинерии.
Собраните средства би се користеле за поддршка на семејствата и бизнисите за да се ублажи ефектот од високите цени на енергијата.
Попладнево при претставувањето на извештаите на ЕК за напредокот на земјите кон ЕУ, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изјави дека се работи на барањата на Северна Македонија и други земји за помош за покривање на енергетските потреби.
По најавите дека претседателот Стево Пендаровски побарал од Европската Комисија да и помогне на Северна Македонија да надомести за цената на електрична енергија од Бугарија, еврокомесарот денеска на прес – конференција одговори дека е запознаен со барањето и дека се работи на „поширок пакет за спас“.