Неодамнешните воени победи на Украина против руските освојувачи беа „извонредни“ и влијаеја на текот на војната и покрај „злобата и суровоста“ на последните ракетни напади на Москва, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот во седиштето на НАТО во Брисел на 12 октомври.
Остин разговараше со Контакт групата за Украина, собир на повеќе од 50 земји на маргините на состанокот на министрите за одбрана на НАТО. Тие разговараат за зајакнување на воздушната одбрана на Украина во услови на континуирани руски ракетни напади низ целата земја, вклучувајќи го и главниот град Киев.
Нападите продолжија и на 12 октомври, при што се убиени најмалку седум луѓе, а осум се ранети во руски напад на преполн пазар во градот Авдијивка, изјави гувернерот на источниот регион Доњецк.
„Русите го нападнаа централниот пазар каде што имаше многу луѓе во тоа време“, рече Павло Кириленко во изјавата, додавајќи дека „нема воена логика“ за таков напад.
Остин рече дека дејствијата на Русија дополнително ја обединија меѓународната заедница да ги поддржи воените напори на Украина да се одбрани.
„И покрај новите напади на Путин, украинските сили ја променија динамиката на оваа војна. Тие ослободија стотици градови од руската окупација. И повторно зазедоа илјадници квадратни километри од нивната земја“, рече тој, но додаде дека поддршката од Западот останува критична.
Тој вели дека безбедносната помош и обуките од Контакт групата се од витално значење.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека западните сили разговараат за начините да и обезбедат на Украина поголема воздушна одбрана од ракетните напади на Русија.
Русија започна нов бран ракетни напади врз неколку региони на Украина како одмазда за експлозијата и пожарот на Кримскиот мост изминатиот викенд.