Нема цензура и произволна измена на текстот на песната „Абре Македонче“, со политичка позадина, велат од Националната опера и балет (НОБ), по реакциите во јасноста дека при изведбата на песната на одбележувањето на „11 Октомври“ еден стих од песната е сменет.
Од НОБ велат дека при изведба на песната е користен автентичен аранжман чија хармонизација е пријавена од Драган Шуплевски, а потврдена од НОБ и Сојузот на композитори. Аранжманот по кој вчера била изведена песната е правен во доцните 70 или во 80-те години на минатиот век.
Хорот на Националната опера и балет на одбележувањето на 11 Октомври - Денот на народното востание во Куманово, стихот „нека разберат клетите фашисти“, со испеа , „нека разберат душманите клети“.
Вчера и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски реагираше дека стихот гласи „нека разберат клетите фашисти“.
Иако песната се смета за народна, таа има свои автори. Таа е создадена во 1941 од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка.
Хорот на НОБ, пак, на прославата на Илинден во Крушево, на 1 август годинава изостави цела строфа од песната „Во борба македонски народе“, од која дел е и стихот „фашистичка крв насекаде се лее“. Објаснувањето после беше дека на настани ја изведуваат скратената верзија од песната.
Претходно во 2019 година пејачката Тамара Тодевска пеејќи ја химната на Македонија на прославата на Дeнот на нeзaвиcностa на САД, организирана во американската амбасадата во Скопје, го изостави стихот „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“.
Таа подоцна се правдаше со ненамерна грешка.