Годинешниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава кон Европската унија (ЕУ), има особено значење, бидејќи е прв по почетокот на пристапните преговори со Унијата и почетокот на скринингот, рече претседателот на Македонија Стево Пендаровски.
Претседателот на 12 октомври го прими шефот на Делегацијата на Европската унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, кој му го предаде Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година.
Во извештајот Македонија доби позитивна оценка од ЕУ, но Европската комисија повторно најде забелешки за имплементацијата на законите, нарушената работа на Собранието, но и потребата од поголема транспарентност при носењето државни одлуки. Во извештајот земјава е умерено подготвена по речиси сите критериуми.
Претседателот Пендаровски оцени дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но претставува и патоказ за натамошната работа на институциите и областите во кои ќе треба да се посвети поголемо внимание.
Тој порача дека отворањето на преговорите со Северна Македонија е добра можност Европската унија да ја демонстрира својата посветеност кон интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како најдобар одговор на растечкиот евроскептицизам во регионот.