Народната банка ја зголеми основната каматна стапка на 3,5 отсто

Илустрација

Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 процентни поени и сега каматата е 3,5 отсто, во обид за зауздување на растечката инфлација.

„При носењето на одлуката беше обрнато особено внимание на нагорните придвижувања на инфлацијата, којашто во септември повторно забрза, исклучиво поради прехранбената и енергетската компонента. Исто така, со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка“, соопшти Народната банка.

Официјалните податоци покажуваат дека трошоците за живот во септември биле за 18,7 отсто повисоки од пред една година.

Ова е шесто зголемување на основните каматни стапки од април годинава. До март основната камата беше 1,25 отсто, но постепено се зголемува за сега да достигне 3,5 отсто.

Зголемувањето на основната каматна стапка е сигнал до банките за зголемување на каматите за кредитите и штедните влогови на граѓаните и фирмите.

„Се очекува дека со зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва коишто се поповолни во однос на домашната валута, и понатаму ќе се делува врз каматната политика на банките и ќе се стимулира штедењето во денари“, соопшти Народната банка.