Столтенберг: воздушната одбрана за Украина е „главен приоритет“

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека западните сили разговараат за начините да и обезбедат на Украина поголема воздушна одбрана од ракетните напади на Русија. Москва два дена по ред изврши бранови ракетни напади врз неколку региони на Украина, бомбардирајќи повеќе градови, вклучувајќи го и Киев, како одмазда за експлозијата во изминатиот викенд што го оштети единствениот мост меѓу анектираниот од Москва Крим и Русија.

Освен нуклеарната кои се другите опции на Путин за ескалација со Западот

„Ќе разгледаме како да ја зголемиме поддршката за Украина и главен приоритет ќе биде поголема воздушна одбрана за Украина“, рече Столтенберг на почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел. Претставници од повеќе од 50 земји, на маргините на состанокот на НАТО во Брисел исто така ќе разговараат за зајакнување на воздушната одбрана на Украина.

Телефонски разговор Бајден-Зеленски, САД ветуваат континуирана поддршка

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од лидерите на групата Г7 повеќе капацитети за воздушна одбрана за неутрализирање на воздушните напади, велејќи дека кога Украина ќе добие такви системи, „клучниот елемент на рускиот терор, ракетните напади, ќе престане да функционира“.