Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин „очигледно“ погрешно ја проценил ситуацијата во Украина, како и отпорот на кој ќе наидат руските војници. „Мислам дека тој е рационална личност која очигледно погрешно ја процени ситуацијата многу лошо“, рече Бајден во интервју за Си-Ен-Ен. Во врска со говорот на Путин од февруари, на почетокот на агресијата против Украина, Бајден рече: „Тој зборуваше за целата идеја: неопходно е тој да стане лидер на Русија кој ги обедини сите луѓе што зборуваат руски. Мислам дека тоа е ирационално“.
Бајден, исто така, рече дека Путин погрешно верувал оти Украинците ќе се потчинат на руската инвазија, што беше побиено со нивниот жесток отпор. „Мислам дека неговиот говор, неговите цели не беа рационални. Мислам дека тој мислеше дека ќе биде пречекан со раширени раце, дека домот на Мајка Русија е во Киев и дека таму ќе биде пречекан, но мислам дека едноставно целосно погрешно пресметал“, рече Бајден за Путин.
Бајден: нуклеарната закана на Путин е најголем ризик по кубанската ракетна криза
Во вторникот, Русија започна нови „масовни“ напади врз украинската инфраструктура, а групата Г-7 на индустријализираните земји во светот вети на вонредниот состанок дека „ќе го повикаат рускиот претседател на одговорност“ за тоа. Руската војска неодамна претрпе серија неуспеси во североисточна, источна и јужна Украина.