Резолуција за поддршка на европската перспектива на Западен Балкан усвои денеска Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Во Резолуцијата се повикува на нов поттик во процесот на проширување на ЕУ и се бара од Западен Балкан веднаш да се справи со клучните предизвици со кои се соочува.
На пленарната седница во Стразбур за усвојување на резолуцијата гласаа 134 пратеници, тројца беа против, а тројца беа воздржани.
Во резолуцијата усвоена на 11 октомври се наведува дека зајакнувањето на демократската отпорност и почитувањето на владеењето на правото и човековите права, промовирањето на помирувањето и добрососедските односи, како и создавањето услови за посилен економски и социјален напредок во регионот претставуваат геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и демократска безбедност за цела Европа.
ПССЕ, како што е наведено, цврсто верува дека помагањето на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово да ги исполнат нивните аспирации за поблиска европска интеграција е важно не само за тие земји, туку и за Европа, и дека тоа ќе биде од придобивките на европските граѓани.
Се потсетува дека од самитот во Солун во 2003 година, постојано се потврдува посветеноста на проширувањето, и од страна на ЕУ и од страна на лидерите на Западен Балкан, но се немалува етузијазмот кај луѓето, особено кај младите, кои се песимисти за изгледите за влез во ЕУ.
„Европската визија го губи својот сјај. Наместо тоа, повторно се појави етно-национализам, што е многу загрижувачки развој во регионот каде што спектарот на насилство е сè уште голем“, се наведува во резолуцијата.
Во неа се наведува и дека Советот на Европа треба да ги удвои напорите за да му помогне на Западен Балкан да постигне опиплив и мерлив напредок во исполнувањето на критериумите за проширување на ЕУ.