Поблага зима од просечната предвидуваат метеоролозите. Прашањето каква зима нè очекува се наметнува во услови на енергетска криза во која државите се соочени со предизвикот да обезбедат доволни количини на енергенси и електрична енергија.
Очекувањата се дека во првата половина од зимата ќе има малку поладно, стабилно и релативно суво време со услови за магла по котлините и зголемено аерозагадување посебно во котлините и во урбаните средини, но не се исклучува можноста и за повремени продори на ладен воздух и ладни фронтови.
Во втората половина на зимата постои поголема веројатност за врнежи, кога се очекува и повеќе снег во југоисточна Европа на повисоките планини (југоисточна Србија, северните делови од Албанија, северозападните делови од Македонија).
Ова е генералниот заклучок од деталната анализа за сезонските изгледи на времето во претстојната зима што ја изработи д-р Владо Спиридонов, професор по метеорологија на Институтот за физика при Природно - математичкиот факултет во Скопје во соработка со м-р Рада Аврамовска и м-р Александра Стевков од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во однос на температурите, очекувањата се дека тие ќе бидат за малку над просекот. Во анализата се посочува дека има изгледи во декември-јануари-февруари за повисоки температури во однос на просекот.
Освртот за сезонските изгледи на времето во претстојната зима е направен врз основа на моменталната состојба на климата, вклучувајќи ја распределбата на воздушните маси, основната атмосферска и океанска циркулација, температурата на површината на океаните и морињата…