Војни и броила

МАКЕДОНИЈА - До крајот на месецов Владата ќе одлучи дали ќе се премине кон зимското сметање на времето или ќе остане летното сметање.

СРБИЈА / УНГАРИЈА - Србија и Унгарија се договорија за изградба на нафтовод што ќе и овозможи на Србија да се снабдува со „поевтина нафта од Урал со поврзување со нафтоводот Дружба (Пријателство), соопштија унгарските власти.

МАКЕДОНИЈА - Има правни експерти кои тврдат дека врз основа на постојниот Закон за здруженија и фондации има член што може да ја преиспита работата на постојните здруженија, ако тие не работат во насока на она што го декларирале, изјави претседателот Стево Пендаровски.

МАКЕДОНИЈА - Актуелниот градоначалник на општина Куманово и претставникот од граѓанското здружение „За наше Куманово“ Максим Димитриевски, вечерва во Прилеп се обрати на граѓанскиот собир со цел претставување на прилепското граѓанско здружение „За нашите граѓани“, кое е формирано по примерот на граѓанското здружение „За наше Куманово“.

МАКЕДОНИЈА - Здружението на Украинци во земјава, „Лејса Украинка“ попладнево протестираше пред амбасадата на Руската Федерација во Скопје во знак на револт по денешните руски ракетни напади врз неколку локации во Украина.

ЕУ - Реагирајќи на ракетните напади во Киев и други украински градови, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека Русија покажала дека се залага за „терор“ и „бруталност“. „Оние кои се одговорни мора да одговараат“, рече фон дер Лајен.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден ги осуди руските ракетни напади, велејќи дека тие биле насочени кон цивили и не служат за никаква воена цел и порача дека Соединетите Држави и нивните сојузници ќе продолжат да воведуваат санкции против Москва.

МАКЕДОНИЈА - Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) даде зелено светло за доделување 530 милиони евра на Македонија преку кредитната линија за претпазливост во рок од 24 месеци.

МАКЕДОНИЈА - Владата денеска донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект, за проектот „Митилинеос – Когенеративна постројка Скопје“ на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „Митилинеос“ ДООЕЛ - Скопје. Вредноста на инвестицијата се предвидува да биде 211 милиони евра и според предвиденото, се состои од постројка за електрична енергија со моќност 90 до 105 мегавати и топлинска енергија со моќност од 135 со 150 мегавати.

МАКЕДОНИЈА - Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска во изјава за меидумите вели дека нема основа за отворање случај против Премиерот за обвинувањата на опозициската ВМРО ДПМНЕ дека фирми основани од Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов злоупотребувале државни тендери вредни 26 милиони евра во случајот што го нарекоа „Броило“.

БУГАРИЈА - Извршниот одбор на Бугарската социјалистичка партија го повика претседателот Румен Радев да даде јасен одговор зошто Бугарија е споменувана во информациите, изнесени од руска страна, за експлозијата на Кримскиот мост. Раководството на БСП го повикува претседателот на државата итно да им ја довери на специјалните служби истрагата за случајот со камионот што тргнал од Бургас. Социјалистите инсистираат на тоа дека во оваа растечка конфронтација треба да се даде брз и јасен одговор и да не се дозволи Бугарија на кој било начин да биде вовлечена во конфликтот.

ДАНСКА - Необјаснет прекин на струја погоди остров во Данска во близина на локацијата каде што имаше наводен „саботажен“ напад на гасоводите „Северен тек“. Електричниот оператор „Енерџинет“ денеска соопшти дека ја истражува причината за прекинот на островот Борнхолм, кој можеби бил предизвикан од проблем поврзан со подводен кабел. До прекинот доаѓа две недели откако беа откриени четири големи истекувања на гас во гасоводот „Северен тек“ во близина на Борнхолм.

БЕЛОРУСИЈА - Белорускиот лидер Александар Лукашенко изјави дека Белорусија и Русија ќе распоредат заедничка воена група како одговор на, како што рече, влошување на тензиите на западните граници на земјата, објави денеска белоруската државна новинска агенција Белта. До ова доаѓа по експлозијата на рускиот мост кон Крим. Руските сили ја користеа Белорусија за нивната инвазија врз Украина на 24 февруари, испраќајќи војници и опрема во северна Украина од базите во Белорусија.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Лансирањето проектили на Северна Кореја во последните недели беа тестови на тактичко нуклеарно оружје и способност да „погоди и уништи“ потенцијални јужнокорејски и американски цели, објави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА, наведувајќи дека симулациите на тактички нуклеарни напади беа лично надгледувани од шефот на државата Ким Џонг Ун. „Единиците на Корејската народна армија задолжени за употреба на тактичко нуклеарно оружје организираа воени вежби од 25 септември до 9 октомври за тестирање на способностите за нуклеарно одвраќање и контранапад на земјата“, соопшти КЦНА.

КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е оптимист за постигнување правно обврзувачки договор со Србија, односно се надева дека тој ќе биде постигнат во следните неколку месеци. На семинарот Роуз-Рот на Парламентарното собрание на НАТО во Приштина, Курти оцени дека има нов пристап во дијалогот со Србија и дека се споменува и општата рамка на договорот.

БИХ - Илјадници поддржувачи на опозицијата во српскиот ентитет Босна и Херцеговина се вратија на улиците за да протестираат против резултатите од неодамнешните претседателски избори, обвинувајќи за измама и барајќи повторно пребројување на гласовите. Партијата за демократски напредок (ПДП), Српската демократска партија (СДС) и Списокот за правда и ред бараат пребројување на гласовите за претседател поради извештаите за десетици изборни нерегуларности.

УКРАИНА - Неколку експлозии денеска изутрината го погодија центарот на Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко, а агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на сведоци објави дека облак од црн чад се издига од зградите. „Неколку експлозии во областа Шевченски - во центарот на главниот град“, напиша Кличко на апликацијата за пораки Телеграм, наведувајќи дека детали ќе следуваат подоцна.