Актуелниот градоначалник на општина Куманово и претставникот од граѓанското здружение „За наше Куманово“ Максим Димитриевски, вечерва во Прилеп се обрати на граѓанскиот собир со цел претставување на прилепското граѓанско здружение „За нашите граѓани“, кое е формирано по примерот на граѓанското здружение „За наше Куманово“.
Во своето обраќање, Димитриевски истакна дека тоа што се случило на 11 Октомври 1941 година во една демократска форма сакале или не ќе мора повторно да се случи, бидејќи ако сакаме работите да се менуваат на подобро тогаш мора да се биде помеѓу граѓаните и да се направи заедничко движење за Македонија кое ќе овозможи реални и суштински промени, а граѓаните да ја добијат државата повторно назад.
„Граѓаните ќе ја добијат државата назад бидејќи Македонија е узурпирана држава, Македонија ја водат и лево и десно, но секогаш по исти терк и исто клише. Ја држат луѓе кои бараат да им се служи, а не луѓе кои сакаат да служат. Ние во Куманово, уште пред една година се одваживме и заедно рамо до рамо со граѓаните застанавме, првиот ден бевме малку, но вредни, чесни и достоинствени. Последниот ден кога се гласаше бевме на 26 илјади гласа и им испративме јасна порака на сите во Куманово и Македонија дека има нови сили во државата кои се подготвени да излезат и да работат од граѓаните за граѓаните. Благодарам на сите од иницијативниот одбор, што ќе учествуваат во основачкото собрание, а основната цел е првично да се има автономија во делот на одлучување и да се одлучува за граѓаните, бидејќи здружението се формира од прилепчани за прилепчани“, потенцираше Димитриевски.
Дали партиските превирања ќе ја погодат Владата?
Тој посочи дека вечерашниот собир е да се одбележи денот на формирање на здружението „За нашите граѓани“ во Прилеп и да ги повикаат останатите прилепчани да се приклучат, бидејќи намерата на ова здружение е да се шири низ цела Македонија.
„Ние ќе продолжиме да работиме во сплотување на македонскиот народ, негово обединување без разлика дали доаѓа од лева или десна провиненција и поголемо заемно почитување и зближување на сите етнички заедници во нашата држава, бидејќи оваа држава Македонија им припаѓа на сите. Бидете горди, вечерва сме 100, 200, 300, задутре ќе бидеме 500тини, до крајот на месецот 1000 и потоа е само пат на математичка прогресија да се постигне конечната цел, а нашата конечна цел е Македонија да ја вратиме назад во рацете на граѓаните, бидејќи големо фајде од политичките партии и субјекти не видовме. Нека ни е среќен и долговечен празникот, честитки и успех на здружението „За нашите граѓани“, изјави Димитриевски.