Србија и Унгарија се договорија за изградба на нафтовод што ќе и овозможи на Србија да се снабдува со „поевтина нафта од Урал со поврзување со нафтоводот Дружба (Пријателство), соопштија унгарските власти.
Изградбата на гасоводот беше договорена откако Европската унија (ЕУ) воведе нови санкции против Русија на 6 октомври и го прошири списокот на лица на кои им ги замрзнува имотите и забранува патување на територијата на ЕУ, во рамки на осмиот пакет санкции.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја посочи Хрватска како одговорна за тоа што Србија не е изземена од забраната за увоз на руска нафта, која ќе стапи на сила на 5 декември со осмиот пакет санкции на ЕУ против Русија.
Вучиќ рече дека поради тоа Србија повеќе не ја смета Хрватска за сигурен снабдувач, дека ќе мора да го диверзифицира снабдувањето со нафта и додаде дека со унгарскиот премиер Виктор Орбан разговарал за можноста за поврзување на нафтоводот „Дружба“, кој носи нафта од Русија до Унгарија преку Украина, пренесува Бета.
Вучиќ вели дека не се плаши од тие што му се закануваат бидејќи не воведе санкции кон Русија
Руската нафта пристигнува во Србија преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).
Како што напиша на Твитер портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач, Србија најверојатно во иднина нема да добива нафта преку Хрватска поради ова.
„Во моментов снабдувањето со нафта главно се врши преку гасовод низ Хрватска, но малку е веројатно дека тоа ќе биде можно во иднина поради усвоените санкции“, напиша Ковач.
Унгарија, која исто така многу се потпира на руската нафта и гас, го поддржа последниот пакет санкции против Русија.
Во првиот предлог за новиот пакет санкции, Западен Балкан беше изземен од ограничувањата поврзани со увозот на руска сурова нафта, со цел да се заштити енергетската безбедност на регионот, но поради тоа што Србија не воведува санкции против Москва, предлогот беше сменет и ЕУ потоа одлучи да не го иззема Западен Балкан од мерките поврзани со руската нафта.
Јужниот крак на гасоводот „Дружба“ оди преку Украина до Унгарија, преку Словачка и Чешка, и е главен извор на сурова нафта за трите земји.