Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ги осуди рактените напади врз цивилни цели во Киев, Лвов, Днипро, Харков, Криви Рих и други делови од Украина.
„Република Северна Македонија силно ги осудува ваквите неприфатливи дејствија извршени од страна на Русија, кои резултираат со невини човечки жртви. Сторителите на нападите треба да бидат изведени пред лицето на правдата и да одговараат за извршените воени злосторства. Уште еднаш ја реафирмираме солидарноста со украинскиот народ, како и цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, упатувајќи уште еден повик за итно прекинување на сите воени дејствија и повлекување на руските воени сили од земјата“, стои на статусот на Фејсбук на министерот Османи.
Главниот град на Украина, Киев, бил нападнат денеска изутрината со неколку експлозии што го потресоа градот, при што службите за итни случаи соопштија дека голем број луѓе загинале и биле ранети.
Експлозии го потресоа Киев, Зеленски ја обвини Русија за „тероризам“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека има загинати и ранети и ја обвини Русија дека се обидува да ја избрише неговата земја „од лицето на земјата“.
Тој рече дека Русија ги темпирала своите напади врз Украина за да нанесе најголеми можни загуби меѓу луѓето и дека исто така ја таргетирала енергетската инфраструктура на земјата.