Германија најави дека „брзо“ ќе и достави систем за воздушна одбрана на Украина

германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт

Германија соопшти дека ќе го испорача првиот од четирите системи за воздушна одбрана IRIS-T SLM на Украина „во следните неколку дена“, откако руски ракети погодија неколку градови низ Украина, при што загинаа неколкумина цивили. „Обновениот ракетен истрел врз Киев и многу други градови јасно покажува колку е важно брзо да и се доставуваат системи за противвоздушна одбрана во Украина“, рече германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт само неколку часа по нападите. „Руските ракетни и беспилотни напади првенствено го тероризираат цивилното население. Затоа ние сега ги поддржуваме особено со противвоздушно оружје“, додаде таа.

Експлозии го потресоа Киев, Зеленски ја обвини Русија за „тероризам“

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нападите се одмазда за, како што ги нарече, „терористичките“ акции на Киев, вклучително и нападот во текот на викендот на клучниот мост меѓу Русија и анектираниот полуостров Крим. Украинската национална полиција соопшти дека најмалку 10 лица загинале, а 60 се ранети во ракетните напади. Русија ја започна својата неиспровоцирана инвазија врз Украина на 24 февруари.