Лукашенко: Белорусија и Русија ќе формираат заедничка воена група

Александар Лукашенко

Белорускиот лидер Александар Лукашенко изјави дека Белорусија и Русија ќе распоредат заедничка воена група како одговор на, како што рече, влошување на тензиите на западните граници на земјата, објави денеска белоруската државна новинска агенција Белта. До ова доаѓа по експлозијата на рускиот мост кон Крим. Руските сили ја користеа Белорусија за нивната инвазија врз Украина на 24 февруари, испраќајќи војници и опрема во северна Украина од базите во Белорусија.

Експлозии го потресоа Киев, Зеленски ја обвини Русија за „тероризам“

Во меѓувреме, Молдавија соопшти дека три крстосувачки ракети истрелани од Русија кон Украина го преминале молдавскиот воздушен простор во понеделникот и дека го повика рускиот амбасадор да објасни. „Три крстосувачки ракети лансирани врз Украина утринава од руски бродови во Црното Море го преминаа воздушниот простор на Молдавија. Наложив да биде повикан рускиот амбасадор да даде објаснување“, напиша на Твитер молдавскиот министер за надворешни работи Нику Попеску.