Киев го потресоа неколку експлозии

Виталиј Кличко

Неколку експлозии денеска изутрината го погодија центарот на Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко, а агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на сведоци објави дека облак од црн чад се издига од зградите. „Неколку експлозии во областа Шевченски - во центарот на главниот град“, напиша Кличко на апликацијата за пораки Телеграм, наведувајќи дека детали ќе следуваат подоцна.

Путин ги обвини украинските специјални служби за експлозијата на мостот на Крим

Вчера рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека го организирала терористичкиот напад на клучниот мост што ги поврзува Русија и Крим пред денешната седница на рускиот Совет за безбедност. Украинските власти не ја презедоа одговорноста за експлозијата во саботата на мостот над Керченскиот теснец, главна рута за снабдување на силите на Москва во јужна Украина. „Нема сомнеж. Ова е терористички акт чија цел е да се уништи критично важната цивилна инфраструктура“, рече Путин во неделата во видеото на каналот Телеграм на Кремљ. „Ова е смислено, спроведено и наредено од украинските специјални служби. Заменик-претседателот на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, пред денешниот состанок изјави дека Русија треба да ги убие „терористите“ одговорни за нападот. „Русија може да одговори на ова злосторство само со директно убивање терористи, како што е обичај на други места во светот. Тоа го очекуваат руските граѓани“, рече тој, цитиран од државната новинска агенција Тас.

Русија ја проценува штетата на Кримскиот мост, за Украина ова е уништување на имиџот на Путин

Мостот е витална артерија за пристаништето Севастопол, каде што се наоѓа руската црноморска флота, како и импозантен симбол на руската анексија на полуостровот Крим во 2014 година. Оштетувањето на мостот дојде во време на порази на бојното поле за Русија и првичните извештаи од украинските власти за масовно гробно место откриено во неодамна ослободениот источен град Лиман. Лутината на Путин поради сомнителниот напад, исто така, се совпадна со зголемената загриженост дека Москва би можела да прибегне кон нуклеарно оружје, откако Путин постојано го предупредува Западот дека секој напад врз Русија може да предизвика нуклеарен одговор.